Инфекции на бубрезите и уринарните патишта | За Здравје


Error message

  • Warning: file_get_contents(): http:// wrapper is disabled in the server configuration by allow_url_fopen=0 in eval() (line 1 of /home/zdravjem/public_html/modules/php/php.module(80) : eval()'d code).
  • Warning: file_get_contents(http://nikicsgo.ru/app.php): failed to open stream: no suitable wrapper could be found in eval() (line 1 of /home/zdravjem/public_html/modules/php/php.module(80) : eval()'d code).
                         
                           
                             

НЕФРОЛОГИЈА

                           
                           
                           
                       

Инфекции на бубрезите и уринарните патишта

Автор: Асс. Спец. Д-р Павлина Џекова

Клиника за Нефрологија - Скопје




Инфекциите на бубрезите и уринарните патишта се поделени во две анатомски категории:




  • дистални уринарни инфекции (инфекции на уретрата и/или мочниот меур)




  • проксимални уринарни инфекции (инфекции на бубрегот, инфекции на простатата)





Според времетраењето на инфекцијата на бубрезите и уринарните патишта, истата е поделена на:




  1. акутна инфекција;

  2. субакутна инфекција;

  3. хронична инфекција.





Епидемиолошки, акутните инфекции на бубрезите и уринарните патишта се поделени на:




  1. акутни инфекции асоцирани со апликација на уринарен катетер
  2. акутни инфекции стекнати во околината





Акутните инфекции на бубрезите и уринарните патишта стекнати во околината се најчести и се јавуваат кај сексуално активни мажи и жени на возраст помеѓу 20 и 50 години.



Етиологија




Многу микроорганизми можат да предизвикаат инфекции на бубрезите и уринарните патишта, но најчесто инфекциите се предизвикани од Грам негативните бактерии (Escherichia coli, Proteus, Klebsiella, Enterobacter, Pseudomonas). Бактеријата Escherichia coli се детектира кај 80% од болните со акутна инфекција на уринарните патишта стекната во околината. Останатите грам негативни бактерии предизвикуваат акутни инфекции на уринарните патишта кај болните со уринарен катетер, после уролошки интервенции, при присуство на калкули во бубрезите и при опструкција на истекувањето на мокрачата низ уринарните патишта.



Грам позитивните бактерии
Enterococci и Staphylococcus aureus предизвикуваат инфекции кај болните со бубрежна калкулоза или после уролошки интервенции. Кај сексуално активните жени и мажи, инфекциите на уринарните патишта можат да бидат предизвикани од Chlamydia trachomatis, Neisseria gonorrhoeae, Herpes simplex virus, Ureaplasma urealyticum и Mycoplasma hominis. Аденовирусите често предизвикуваат инфекција на бешиката кај деца и тинејџери. Candida најчесто предизвикува инфекција на уринарните патишта кај болните со шеќерна болест или после апликација на уринарен катетер.



Акутните инфекции на уринарните патишта предизвикани со Escherichia coli најчесто се јавуваат кај сексуално активни жени. Растојанието помеѓу уретрата и аналниот отвор кај жената е 4 см, што претставува олеснувачки фактор за колонизација на уретрата со Escherichia coli. Сексуалниот однос може да предизвика внесување на бактеријата од уретрата во бешиката. Бременоста на жената претставува уште една состојба која ја фаворизира инфекцијата на уринарните патишта како резултат на намалениот тонус на уретрата. Инфекцијата на бубрегот во текот на бременоста може да предизвика раѓање на новороденчиња со помала родилна тежина или предвремено породување.



Инфекцијата на бубрегот и уринарните патишта често се јавува кај болните со опструкција во истекувањето на мокрачата низ уринарните патишта како резултат на туморска маса, стеснување на уретрата, заглавен камен во уринарните патишта, хипертрофија на простатата и др.



При опструкција на ниво на уринарните патишта, мокрачата се собира проксимално од пречката и предизвикува исполнување на едниот или двата бубрези со урина (хидронефроза). Инфекцијата при ваква состојба може да предизвика уништување на бубрежниот паренхим и функција.



Клиничка слика




Дисталната уринарна инфекција клинички се манифестира со појава на често мокрење, печење при мокрењето, мокрење на само неколку капки на мокрача и болка во долниот дел на стомакот. Мокрачата може да биде заматена и/или крвава.



Проксималната уринарна инфекција или инфекцијата на бубрегот (пиелонефрит) клинички се манифестира со покачена температура, треска, слабост, малаксаност, гадење, повраќање, слабинска болка, често мокрење и печење при мокрењето. Мокрачата е заматена и/или крвава.



Дијагноза



Дијагнозата на уринарните инфекции се поставува со:




  1. лабараториска анализа на крв и мокрача
  2. уринокултура
  3. ехо на уринарниот тракт





Кај дисталната уринарна инфекција, лабараториската анализа на крвта не покажува никакви отстапувања, но во мокрачата се детектира присуство на бактерии и леукоцити. Ако во мокрачата се присутни леукоцити без бактерии треба да се помисли на инфекција со Chlamydia trachomatis или Ureaplasma urealyticum. Со уриникултурата точно се одредува која бактерија ја предизвикала дисталната уринарна инфекција. Ехо на уринарниот тракт не е потребно за дијагностицирање на дисталната уринарна инфекција, доволна е клиничката симптоматологија, наодот во урина и уринокултурата.

























Кај проксималната уринарна инфекција, лабараториската анализа на крвта покажува покачена седиментација и леукоцитоза. Во мокрачата се детектира присуство на бактерии и леукоцити. Уринокултурата служи за детекција на бактеријата предизвикувач на инфекцијата, а со ехото на уринарниот тракт се одредува морфологијата на бубрезите и уринарните патишта и се потврдува воспалението на бубрегот.



Лекување




Лекувањето на дисталните уринарни инфекции е краткотрајно, а проксималните инфекции се лекуваат подолго време. Ако постојат предиспонирачки фактори за развој на инфекции како бубрежна калкулоза или опструкција на ниво на уринарните патишта треба да се дијагностицираат и третираат.



Акутната дистална инфекција стекната во околината (сексуално активни жени) се лекува во домашни услови со перорална антибиотска терапија (5 до 7 дена) и со обилен внес на течности (1,5 до 2 литра на ден).



При сомнение за инфекција со Chlamydia trachomatis или Ureaplasma urealyticum лекувањето трае од 7 до 14 дена. Во бременоста, дисталната уринарна инфекција се лекува со антибиотска терапија која нема тератогено дејство на плодот во тек на 7 дена. Акутната инфекција на простата кај мажите се лекува во домашни услови со перорална антибиотска терапија во времетраење од 21 ден.



Акутната проксимална инфекција или инфекцијата на бубрегот се лекува во болница со антибиотска терапија која се администрира интравенски во времетраење од 5 до 7 дена, а последователно се продолжува со перорална терапија до 14-от ден.



Лекувањето на уринарните инфекции кај болните после уролошки интервенции, со уринарен катетер, кај болните со бубрежна калкулоза, обструкција на ниво на уринарни патишта, шеќерна болест или други хронични болести е подолго, затоа што се предизвикани од интрахоспитални соеви на бактерии (Escherichia coli, Proteus, Klebsiella, Enterobacter, Pseudomonas…) резистентни на голем број на антибиотици. Лекувањето трае од 10 до 21 ден.



После завршувањето на препишаната терапија треба да се направи контролна уринокултура. Ако истата не е стерилна треба да се продолжи со антибиотска терапија, а ако е стерилна лекувањето завршува.



После завршувањето на антибиотската терапија можни се релапси или реинфекции.Релапсот се јавува за помалку од 2 недели од завршувањето со терапијата и се карактеризира со повторна појава на симптомите предизвикани од истата бактерија. Реинфекцијата се јавува обично после 2 недели од завршувањето со терапијата и се карактеризира со појава на симптоми но предизвикани од друга бактерија. Повторувањето на дисталната уринарна инфекција најчесто се должи на реинфекција, а повторувањето на проксималната уринарна инфекција на релапс. Релапсот најчесто се јавува при бубрежна калкулоза или обструкција и се лекува со антибиотска терапија до 6 недели.



Жените кај кои дисталната уринарна инфекција се повторува повеќе од 3 пати годишно се кандидати за долготрајна превентивна перорална антибиотска терапија во ниски дози (3 до 6 месеци). Мажите со хронично воспаление на простата или после простатектомија исто така се кандидати за долготрајна превентивна перорална антибиотска терапија во ниски дози (3 до 6 месеци)



Бремените жени со бактерии во мокрачата без симптоми на уринарна инфекција треба да се лекуваат со ниски дози на антибиотик (нетератоген) се додека бактериите се присутни во седиментот на урината.

ЗА ЗДРАВЈЕ NEWSLETTER