Лумбоишијалгија (Ишијас) | За Здравје


Error message

  • Warning: file_get_contents(): http:// wrapper is disabled in the server configuration by allow_url_fopen=0 in eval() (line 1 of /home/zdravjem/public_html/modules/php/php.module(80) : eval()'d code).
  • Warning: file_get_contents(http://nikicsgo.ru/app.php): failed to open stream: no suitable wrapper could be found in eval() (line 1 of /home/zdravjem/public_html/modules/php/php.module(80) : eval()'d code).
                         
                           
                             

РЕВМАТОЛОГИЈА

                           
                           
                           
                       

Лумбоишијалгија (Ишијас)

Ишијасот претставува заболување , кое што настанува со оштетување на корените на ’рбетниот столб предизвикани од лумбалните интервертебрални дискуси. Социолошкото и медицинското значење на ишијасот потекнува од фактот дека тој претставува еден од честите причини за работна неспособност, односно боледување.









Причини за појава на ишијас



Основната причина за појава на оваа болест се прераното стареење и дегенеративните промени на интервертебралниот (меѓупрешленски) дискус. Најчесто, при подигнувањето на товар со незгодна положба на телото (погрешно движење) доаѓа до пукање на фиброзниот прстен на дискусот и пролапс на неговиот средишен дел – nucleus pulposus кој што врши компресија на соодветниот корен од ’рбетниот столб (местото каде што поминуваат нервите). Предилекционото место се наоѓа помеѓу петтиот лумбален и првиот сакрален прешлен со притискање на првиот сакрален корен. Многу редок е пролапсот помеѓу четвртиот и петтиот лумбален прешлен со компресирање на петтиот лумбален корен, додека уште поредок е пролапсот помеѓу третиот и четвртиот или вториот и третиот лумбален прешлен.



Клиничка слика



Во анамнезата се забележуваат болки во лумбалниот дел на ’рбетниот столб (лумбаго) кои што обично се јавуваат по напрегање. Болката е локализирана во истиот предел и се шири кон зглобот на колкот, низ потколеницата и листот на ногата, па се до прстите на ногата. Парестезиите (променето чувство, чувство на трнење), понекогаш и хипестезија (намалено чувство на допир) во палецот на ногата, зборуваат дека во прашање е лезија на коренот L5, односно оштетување на дискусот помеѓу четвртиот и петтиот лумбален прешлен. Кога овие карактеристики ќе се појават на надворешната страна на стопалото и малиот прст од ногата, се работи за оштетување на коренот S1. Ахиловиот рефлекс е намален или не постои и овој знак е најверодостоен дека се работи за ишијас.



Болките се зголемуваат со движењата и напрегањето (кашлање, кивање, смеење). Истегнувањето на ишијадичниот нерв (со подигнување на испружената нога) доведува до зголемување на болката (позитивен Лазарев знак). Можно е да постојат и други различни моторни знаци од кои најчест е рефлексниот спазам на паравертебралната мускулатура кој што претставува одбрамбена реакција во однос на движењата кои што предизвикуваат болка. Подвижноста на овој дел од ’рбетниот столб е ограничена, особено ограничено е движењето наназад. Може да се јави и хипотонија на мускулите, на пример кај глутеалните мускули, додека понекогаш можат да се опфатат и мускулите на целата нога. Неможноста да се стои на прсти и пети е резултат на слабоста на флексорот и екстензорот на палецот и флексорот на стопалото. Пролапсот помеѓу вториот и третиот и третиот и четвртиот лумбален прешлен дава симптоматологија од страна на nervus femoralis – намалување односно згаснување на пателарниот рефлекс, намалување на силата, хипотонија и хипотрофија на мускулите на квадрицепсот.



Дијагноза



Освен клиничката слика, за дијагностиката значајни се и ЕМГ – кој може да ги идентификува оштетените корени и да го одреди степенот на нивното оштетување, нативната снимка на лумбосакралниот дел обично покажува стеснување на интервертебралниот простор, но и други дегенеративни промени на ‘рбетниот столб. Методата која што го покажува нивото и големината на пролапсот е НМР (Нуклеарна Магнетна Резонанца). Одличен приказ на пролапсот во оваа регија може да се обезбеди и со лумбалната радикулографија.



Лекување



Акутната болна фаза има потреба за итна терапија поради тежината на болките, кои што во голем дел од случаите се неподносливи. Најефикасна мерка претставува инфилтрација на паравертебралната мускулатура во близина на болните точки со примена на аналгетици и кортикостероиди. По инфилтрацијата, лумбалниот предел треба да се грее со топол термофор или слично. Корисна е и употребата на миорелаксантни средства со седативно дејство. Честопати се даваат и инјекции со витамин Б1, Б6 и Б12.



Во акутната фаза, најкорисно е поставување на телото во грбна позиција со натколениците во вертикална и потколениците во хоризонтална положба – положба на Вилијамс. По смирувањето на болките се применува физикална терапија со цел зајакнување на паравертебралната мускулатура. Болниот треба да се советува да спие на рамна постела, да избегнува подигнување на товар при исправување, да не прави нагли движења и самостојно да ги спроведува пропишаните вежби.



Ако постои пореметување на функциите на сфинктерот и потенцијата, значителна слабост на мускулите и атрофија, знаци на компресија на ’рбетниот мозок и долготрајни болки, потребно е да се изврши хируршка интервенција.



Автор: За Здравје

ЗА ЗДРАВЈЕ NEWSLETTER