Diabetes mellitus-тип 2 или шеќерна болест на возрасните | За Здравје


Error message

  • Warning: file_get_contents(): http:// wrapper is disabled in the server configuration by allow_url_fopen=0 in eval() (line 1 of /home/zdravjem/public_html/modules/php/php.module(80) : eval()'d code).
  • Warning: file_get_contents(http://nikicsgo.ru/app.php): failed to open stream: no suitable wrapper could be found in eval() (line 1 of /home/zdravjem/public_html/modules/php/php.module(80) : eval()'d code).

Diabetes mellitus-тип 2 или шеќерна болест на возрасните

Автор:

Д-р Димитар Иваноски

доктор на медицина

ЈЗУ Општа болница Борка Талески-Прилеп






  1. Што претставува шеќерната болест?



Шеќерната болест претставува една од најчестите хронични болести на ендокриниот систем која настанува како резултат на намалена или комплетна дисфункција на панкреасот т.е намалено создавање и ослободување на хормонот инсулин но и негово непрепознавање од страна на периферните ткива (инсулинска резистенција) со што е оневозможена регулацијата на метаболизмот на шеќерите, мастите и протеините во организмот.








Со тоа доаѓа до една состојба на хронично покачено ниво на гликоза во крвта или хипергликемија. Денес во светот од ова болест боледуваат повеќе од 200 милиони луѓе, а во Република Македонија бројката изнесува околу 50.000 заболени. Болеста речиси подеднакво ги погодува и мажите и жените. Ова претсавува еден сигнификантен знак за тоа колку е битна улогата на предвременото откривање и препознавање на оваа болест од страна на докторот со цел навремено да се започне со терапија и да се спречат хроничните компликации кои се јавуваат од ненавременото регулирање на покачениот шеќер во крвта.



2. Типични знаци или симптоми кај пациент со шеќерна болест:


Polidypsia жед со обилно внесување на вода
Poliphagya обилно консумирање на храна
Poliuria обилно мокрење
Губиток на тежина поради губиток на шеќери масти и протеини



3.Колку видови на шеќерна болест постојат?



Главно постојат 3 главни типови на дијабетес и тоа:



· Тип 1 дијабетес или инсулин-зависен дијабетес (кој е карактеристичен по тоа што се јавува речиси секогаш во најраната детска возраст и речиси секогаш зад неговото настанување стои автоимуна реакција зад која претходела некаква вирусна инфекција или некое друго случување во организмот.



· Тип 2 дијабетес или инсулин-независен дијабетес кој се јавува најчесто во подоцните години во животот (адултен дијабетес) и најчесто е со непозната етиологија (т.е причинителот останува неоткриен). Постојат бројни докази кои овој тип го поврзуваат со наследниот фактор т.е огромна е можноста за наследност. Еве еден пример: Доколку од двајца еднојајчани близнаци едниот има дијабетес тип 2, шансите другиот да заболи од истата болест се дури 90% што укажува на огромното влијание на наследноста за разлика од тип 1 дијабетесот.



· Гестациски дијабетес е форма на дијабетес кој се појавува исклучиво за време на бременоста кај жените.Но треба да се знае дека дијабетес кој постоел пред бременоста кај жената не можеме да го класифицираме во групата на гестациски дијабетес.



4.Како настанува болеста?



Доколку кај инсулин-зависниот дијабетес или тип 1 се знае начинот на кој настанува заболувањето, кај инсулин-независниот дијабетес или тип 2 не се знае точниот механизам на настанување на болеста. Една од теориите кои го објаснуваат појавувањето на оваа болест е инсулинската резистенција на периферните ткива т.е неосетливост на периферните ткива на дејството на хормонот инсулин со релативен инсулински дефицит или помалку чест фактор е предоминирачки инсулин секреторен дефект со или без инсулинска резистенција.



Оваа болест започнува подмолно, со бавен и неприметлив почеток и во тој период исклучиво со лабораториски испитувања т.е контрола на шеќерот во крвта може да се предвиди појавата на болестa. На почетокот на болеста се забележува покачување на шеќерот во крвта на гладно но после првиот дневен оброк нивото на гликемијата т.е шеќерот во крвта нагло се покачува што укажува на нарушена регулација на хипергликемичните епизоди.



Доста битен е и податокот во кој речиси 80% од заболените од тип 2 дијабетес се со прекумерна телесна тежина со предоминантна распределба на масното ткиво во абдоминалната регија т.е околу стомакот и колковите. Тоа значи дека водењето на здрав живот со правилна исхрана и повремено вежбање е битен фактор во спречувањето на оваа болест.



5.Како се дијагностицира постоење на шеќерна болест?



Доколку кај пациентот постои веќе изразена клиничка слика на болеста т.е веќе постојат знаците кои се типични за оваа болест доволно е само една гликемија на гладно (испитување на нивото на шеќер во крвта) за да се докаже постоењето на дијабетес. Но, доколку пациентот кој се јавил на преглед кај својот доктор не покажува никакви симптоми на постоење на шеќерна болест (асимпоматски пациент)тогаш, во никој случај не смее да се постави дијагноза шеќерна болест само со едно мерење на шеќерот во крв на гладно.



Ако при тоа мерење, по претходно 12 часовно гладување се добијат вредности повисоки од 6.8ммол/Л пациентот се иследува со изведување на ОГТТ(орален гликоза толеранс тест). Тестот се изведува со земање крв на гладно и одредување на гликемија по што пациентот пие вода 250-300мл засладена со 75 грама гликоза анхидрат во текот на 5 минути по претходното земање на крв. Потоа се чека период од 2 часа и повторно се зема крв за испитување на гликемија. Доколку после овој период гликемијата во венската крв изнесува над 10 ммол/Л тогаш може да се каже дека станува збор за шеќерна болест. Други испитувања кои се користат во дијагностицирањето на шеќерната болест се и испитување на шеќер во урина (гликозурија) со тест траки како и одредување на кетонски тела.



Како контрола на тоа како е регулиран дијабетесот во последните 6-8 недели кај еден пациент со оваа болест се користи испитувањето на на гликолизираниот хемоглобин HbA1c кој е одличен параметар за успешноста на спроведеното лекување кај пациентот.



6.Кои се последиците од нелекуваната шеќерна болест?


Лицата кои подолго време боледуваат од шеќерна болест имаат зголемен ризик од појава на хронични компликации и тоа како последица на нерегулираниот шеќер во крвта. Тие компликации можеме да ги поделиме во две групи и тоа како: микроангиопатии(оштетување на малите крвни садови) и макроангиопатии(оштетување на големите крвни садови).



Во првата група на микроангиопатии можеме да ги спомнеме: дијабетичната ретинопатија( оштетување на капиларите во мрежницата во окото и опасност од појава на катаракта (перде) и слепило), дијабетична нефропатија(оштетување на гломеруларното капиларно корито (гломерулосклероза) со потенцијална опасност од појава на бубрежно затајување (ренална инсуфициенција)).


Третиот тип од микроангиопатиите е појава на дијабетична невропатија (оштетување на капиларите кои ги хранат со крв нервните стебла, а со тоа доведуваат до нивно изумирање(денервација) и нивна нарушена функција со појава на силни болки во нозете,нарушено чувство на допир и атрофија на мускулите).



Од макроангиопатиите треба да се споменат појавата на: коронарна артериска болест на срцето со огромна можност за појава на инфаркт, периферна васкуларна болест(затнување на артериите најчесто на нозете и појавување на гангрена), висок притисок(хипертензија) која е 3 пати почеста кај болните од оваа болест и цереброваскуларна болест со можност за појава на тромбоза (затнување) на крвните садови во мозокот но не е исклучена и можноста од мозочно крварење кое може да биде со фатален исход.



7. Како се лекува шеќерната болест?



Основно во лекувањето на оваа подмолна хронична болест е здравиот начин на исхрана и вежбањето. Примарно оружје во борба против оваа болест кое го препорачува секој лекар е диетата.Тоа значи да се намали телесната тежина доколку пациентот е со покачена телесна тежина со исклучување од исхраната на слатките напитоци, алкохолот, чоколадите, обичниот бел шеќер како и овошјето со висока концентрација на шеќер (грозје, смокви, сливи, диња и др).



Од протеинска исхрана пожелно е да се консумира бело пилешко месо и риба. Доколку и после овие диети гликемијата на гладно е покачена над дозволените граници, тогаш лекарот е должен да препорача орална таблетарна терапија, а тоа се дериватите на сулфонилуреа(chlorpropamide, glibenclamid, glipizide) кои што вршат стимулација на бета-клетките да лачат инсулин и другата група т.н бигваниди(metformin) кој што дејствува на подобро искористување на глукозата од периферните ткива. Последниот се препорачува кај пациенти со покачена телесна тежина.




Доколку и на овој начин лекарот не успее да ја доведе под контрола шеќерната болест тогаш се употребува најсилното оружје - секојдневната примената на хормонот инсулин кој денес најчесто е од хумано потекло и може да биде со кратко, средно и долго дејство. Тој е пакуван во специјални пенкала и се аплицира исклучиво поткожно (субкутано) најчесто во надколеницата, надлактицата и стомакот. Најчесто се користи инсулин со средно дејство кој се аплицира двапати на ден со тоа што наутро се зема ударна доза додека вечерната доза не треба да биде поголема од 1/3 од утринската доза.

ЗА ЗДРАВЈЕ NEWSLETTER